Продолжениот зимски распуст го пролонгира екстерното за матурантите

16.01.2017 15:09

Грипот го продолжи зимскиот распуст за учениците до идниот понеделник. Можност уште некој ден да се ужива во снегот. Поради продолжувањето на распустот се одложи полагањето на екстерното тестирање за матурантите, кое ќе се спроведе од 30-ти јануари до 3-ти февруари.

Со продолжувањето на зимскиот распуст се намали и бројот на заболени од грип. Иако е период на сезонското заболување, сепак оваа година состојбата со вирусот е поразлична од минатите години. На терен се покажало дека има случаи кога грипот не ги одминал ниту вакцинираните.

„Првичните показатели беа дека оваа бројка се намалува дури и за три пати за време на распустот и од тој аспект добро е што донесовме ваква мерка за продолжувањена распустот за оваа недела. Практично се само два дена, но добиваме цела недела и тоа со сигурност ќе помогне да се намали бројот на заболени од грип“, вели министерот за здравство, Никола Тодоров.

Продолжувањето на распустот ќе им биде од корист на учениците, велат граѓаните кои сметаат дека ваквата одлука ќе го намали ширењето на вирусите.

Петте дена повеќе распуст се користат за уживање на снегот. Зголемен е интересот за зимските аранжмани во туристичките агенции. Атрактивни домашни и ски центри во соседството.

„Имаше сѐ со одредени датуми, заради распустот сега има повеќе барања. Тие што имаат веќе резервирано за туристичките места, во Банско и на други места, го имаат продолжено одморот за три до пет дена“, изјави Лиридона Алиу, сопственик на туристичка агенција.  

Поради продолжување на зимскиот распуст се одложи полагањето на екстерното тестирање. Екстерната проверка за матурантите ќе се изврши од 30-ти јануари до 3-ти февруари.

Покрај продолжувањето на распустот, како мерки се предвидени и секојдневна дезинфекција на автобусите во јавниот градски превоз во Скопје и во другите градови со организиран јавен превоз, како и темелна дезинфекција на училиштата пред почетокот на второто полугодие од учебната година.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска