Иванов: Неопходна е соработка на македонските безбедносни и армиски сили со Египет
Неопходна е соработка на македонските безбедносни и армиски сили со Египет- оценка на претседателот Иванов од Каиро. И нивната армија има иста улога како и нашата која го чува балканскиот коридор, посочи шефот на државата.

Нема гаранција дека не би се соочиле со нов, поголем мигрантски бран. Состојбите во Африка и на Блискиот Исток сѐ уште не се стабилизираат – оцени шефот на државава Иванов при посетата на Египет. Тој посочи и оти извештаите на Обединетите нации сугерираат дека постојано ќе се зголемува напливот луѓе, кои ќе бараат иднина во Европа. Иванов предупреди- треба да бидеме подготвени за соочување со сите предизвици.
„Египет, во неговото опкружување има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа. Како што нашата Армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција. Овие се закани што ќе ги имаме постојано во идните години и затоа е неопходна соработка на безбедносните служби и на армијата, која досега е извонредна“, изјави претседателот Иванов.
Соработката меѓу Македонската и Египетската Армија би била во размена на искуства и трансфер на знаење во меѓународните мировни мисии – оцени Иванов на средбата со египетскиот колега Ал – Сиси. Претседателот, прашањата за заканите од тероризмот и мигрантскиот бран ги отвори и на форумот во организација на Александриската Библиотека и на меѓународниот центар „Низами Ганџави“.
Наташа Гркова- Петрушевска
