Квебек: Шест лица убиени, осум повредени во напад во џамија

30.01.2017 10:01

Шестмина загинаа во напад врз Исламскиот културен центар во Квебек. Двајцата вооружени мажи кои отворија оган за време на вечерната молитва се уапсени. Премиерот Трудо изјави дека бил извршен терористички напад врз муслиманите во Канада.

Шестмина загинаа, а осуммина се повредени во џамија во Квебек откако две вооружени лица отвориле оган за време на вечерната молитва. Канадскиот премиер Џастин Трудо го осуди нападот во Исламскиот културен центар. Џамијата и порано била цел на исламофобични напади. Минатото лето за време на Рамазан, пред вратата на објектот била оставена свинска глава со порака „Пријатно јадење“. Исламскиот културен центар е еден од шесте најголеми џамии во Квебек и во него се собираат околу 5000 верници.

Најновиот напад се случи во момент кога во САД се протестира против забраната за влез на мигранти и бегалци од земји со мнозинско муслиманско население. По одлуката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој тврди дека мерката е насочена за зачувување на безбедноста а не против муслиманите, премиерот Трудо изјави дека Канада е подготвена да ги прифати сите луѓе независно од нивната вера.

Во меѓувреме, федерална судијка во Њујорк издаде вонредна забрана да се депортираат луѓето што веќе слетале или се во транзит кон американска територија, со што ја блокираше делумно одлуката на Трамп. Во знак на револт кон најновата политика на Белата куќа, американската компанија „Старбакс“ најави дека ќе вработи 10 илјади бегалци во наредните 5 години.

 

Маја Филдишев