Трудо:Терористички напад врз муслиманите во Канада
Шестмина загинаа во напад врз Исламскиот културен центар во Квебек. Двајцата вооружени мажи кои отворија оган за време на вечерната молитва се уапсени. Премиерот Трудо изјави дека бил извршен терористички напад врз муслиманите во Канада.

Шестмина загинаа, а осуммина се повредени во џамија во Квебек откако две вооружени лица отвориле оган за време на вечерната молитва. Исламскиот културен центар и порано бил цел на исламофобични напади. Минатото лето за време на Рамазан, пред вратата на објектот била оставена свинска глава со порака „Пријатно јадење“. Ова е една од шесте најголеми џамии во Квебек со над 5.000 верници кои редовно ги посетуваат.
„Страшно е, јас не сум одовде. Очекував дека луѓето се почитуваат и прифаќаат повеќе.“
„Сите ќе бидат напнати, но се надевам дека ќе се смири ситуацијата и дека ќе се поддржи заедницата зашто треба да им покажеме дека ги прифаќаме. Тие се интегрираат одлично во нашето општество, па шокиран сум од инцидентот со нашите сограѓани.“
Канадските власти го осудија терористичкиот напад и повикаа на смиреност кај населението. Премиерот Џастин Трудо на својот Твитер профил напиша дека станува збор за тероризам врз муслиманите.
„Ние сме отворено и мирно општество, па верувавме дека сме имуни на насилство, но згрешивме. Се уште сме општество каде што квалитетот на животот и безбедноста се далеку подобри од кое било друго место и ќе продолжиме да бидеме такви. Соживотот е многу важен“, изјави Филипе Кулијард, премиер на Квебек.
Најновиот напад се случи во момент кога во САД се протестира против забраната за влез на мигранти и бегалци од земји со мнозинско муслиманско население. По одлуката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој тврди дека мерката е насочена за зачувување на безбедноста, а не против муслиманите, премиерот Трудо изјави дека Канада е подготвена да ги прифати сите луѓе независно од нивната вера.
Протести се одржаа и на азискиот континент.
„Одлуките кои некоја нација ги спроведува се целосно право на самата нација, ова се однесува и на последната одлука на владата на Вашингтон. Загрижени сме за овој потег зашто е спротивен на глобалните заложби и борбата против тероризмот“, изјави Арманата Насир, портпарол на Министерството за надворешни работи на Индонезија.
„Трамп повторува дека терористите се од Сирија, Јемен, Сомалија, но ние, студентите, тврдиме дека терористите се оние кои бомбардираа куќи на муслиманите на Блискиот Исток.“
Во меѓувреме, федерална судијка во Њујорк издаде вонредна забрана да се депортираат луѓето што веќе слетале или се во транзит кон американска територија, со што делумно ја блокираше одлуката на Трамп, но и покрај тоа, претседателот го има завршниот збор за ова прашање.
Маја Филдишев
