Одбележан празникот Свети Атанасиј Велики
Се чествува големиот борец за православието– Свети Атанасиј. Многу адети во Скопско. Главен е земањето од заедничкото јадење што се приготвува во големи казани. Традицијата вели- носи здравје.

Православните верници го празнуваат Свети Атанасиј Велики. Во храмот „Свети Спас“ во скопско Драчево народен собир. Верниците се собраа за да земат од благословената трпеза, осветена со божја вода и босилек од свештениците. Си посакаа здравје, среќа и берикет.
Свештениците велат дека во спомен на Свети Атанасиј Велики, голем борец за вистинското Православие, се одржува утринска литургија. Го објаснуваат црковното значење на празникот.
„Значењето на Свети Атанасиј Велики е многу големо за нашата црква, бидејќи е светител од првите векови на Христијанството, поточно од четвртиот век. Основоположник е на симболот на верата. Светиот Атанасиј се истакнал со својата ревност, со својата љубов, кон Бога и кон црквата и затоа уште од млада возраст го посветил својот живот на црквата. Станува епископ на Александрија, ревносно се бори за проширување на црквата, востановување на правила во црквата“, објаснува отец Гоце, свештеник на МПЦ-ОА.
Нашиот народ двапати го празнува споменот на Свети Атанасиј Велики, на денешниот ден и на 15-ти мај. Во народот се верува дека на Свети Атанас, главните студови се веќе поминати и дека зимата го губи здивот.
Игор Панов
