Претседателот Иванов се консултира со лидерите на политичките партии

01.02.2017 16:44

Точно на пладне претседателот Иванов ги почна разговорите со лидерите на политичките партии кои се застапени во Собранието. Сите опции се во игра. За исходот, се очекува официјално соопштение од Кабинетот на претседателот.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по денешните консултации со претседателот Ѓорге Иванов порача дека сите треба да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на државата. Потенцира дека сите опции за формирање нова влада се отворени.

„Имавме средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов на која бевме информирани за целиот процес на доаѓањето до едно решение на нашите прашања и како да стигнеме до парламентарно мнозинство затоа што одговорност на сите нас е да изнајдеме прифатливо решение за да имаме стабилни институции и понатаму да менаџираме со државата“, изјави Ахмети по средбата со претседателот Иванов.

Прашан како ќе се одннесува ДУИ деновиве бидејќи кај нив е клучот за парламентарното мнозинство, Ахмети посочи дека кај ДУИ бил клучот, но веќе го префрлил него кај претседателот Иванов.

„Каде претседателот ќе го однесе клучот е на него. Јас ја имав бомбата да кажам симболично и ја фрлив кај претседателот. Сега не знам каде ќе ја фрли тој“, истакна Ахмети.

Прашан дали ќе се обиде да преговара со лидерот на СДСМ Зоран Заев за формирање ново парламентарно мнозинство, Ахмети рече дека ДУИ и претходно четири дена заседавала и ги разгледувала сите опции.

Како дел од консултациите со политичките партии за актуелната политичката состојба во Македонија и формирањето нова влада на средба кај претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во моментот е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

Иванов претходно имаше одвоени средби со раководствата на Беса и на Алијансата за Албанците. Лидерите на Беса и на Алијансата за Албанците, Билал Касами и Зијадин Села, по разговорите со Иванов не дадоа изјави за медиумите.

Во претседателската вила „Водно“ попладнево шефот на државата треба да има средби и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

На консултации со претседателот Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, биле поканети и претставници на ДПА.

Консултациите со политичките партии кои се застапени во Собранието на Република Македонија, се на иницијатива на претседателот Иванов, а следуваат по негобвите средби со претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски и со шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.