Американски конгресмени бараат одговорност од амбасадорот Бејли

02.02.2017 10:10

Американски конгресмени отворија истрага и бараат одговорност од амбасадорот во Македонија, Џес Бејли за заземањето страна во политиката во земјава. Велат дека нема да се откажат од истрагата...

Група американски конгресмени покренаа истрага за активното мешање на американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли во политиката во Македонија и моделирање на медиумите и цивилното општество, на пристратен начин кон партиите, медиумите и невадините организации на централната левица, над оние на централната десница. 

„Испративме писмо на 17-ти јануари на амбасадорот Бејли и не добивме одговор. Поминаа две недели иако очекувавме одговор за неколку денови. Многу сме разочари поради тоа. Ова отвора прашање дали пари финансирани од САД отишле или не до СОРОС под надзор на американскиот амбасадор којшто зазел страна. Јас сум претседавач на комитетот за соработка со ОБСЕ, шеф сум на делегацијата во овие Парламентарни собранија. Ние работиме одлично во оваа група на мониторинг на изборите, да бидеме сигурни дека изборите се слободни и фер, и тоа вклучува пристап кон медиумите. Изгледа дека американската влада финансирала организации коишто заземале страни, во овој случај социјалистите, што апсолутно не е прифатливо. Верувам дека тоа е нелегално и ќе откриеме до крај за ова. Не треба да заземаме страни, ние треба да промовираме демократија, а не коалиција на политички партии“, изјави Кристофер Смит, конгресмен од Њу Џерси.

Се бара одговор дали американскиот амбасадор се мешал во одложувањето на изборите во Македонија од 24-ти април 2016-та, на 5-ти јуни, па потоа на 11-ти декември.

„Американскиот амбасадор не смее да има улога во формирањето влада и да зазема страна при формирањето на коалиција. Ние група конгресмени поставивме специфични прашања во ова писмо дали имало или не некаква соработка со централно левичарските партии кои се во избори. Овој амбасадор зазел страни и треба да биде отпуштен! Отпуштен веднаш! Нечуено е нашиот амбасадор во Скопје којшто зазел страна во овие избори или во било кои други избори во минатото или во иднина. Сакаме да откриеме сѐ, немаме одговори и бараме од генералниот инспектор да поднесе извештај и ако го прекршиле законот, ќе одговараат“, изјави конгресменот Смит.

Го цениме блискиот однос што го воспоставивме меѓу Соединетите Американски Држави и Македонија. Очигледно ќе биде многу деструктивно ако тоа биде примено во Македонија како мешање во нејзината внатрешна политика, медиуми, цивилно општество на начин со кој се фаворизира една група над друга, се наведува во барањето на конгресмените.

„Апсолутно сум против американската влада да зазема страни во избори и да проба да составува влада ако тоа се покаже точно, и коалиција. Како се осмелуваат да прават такво нешто! Амбасадор не смее да биде дел од тоа“, вели Смит.

До Македонците ја упатија оваа порака:

„Пораката е ако американската влада зазела страни направила голема грешка и тие коишто го направиле тоа треба да се извинат и да престанат со тоа веднаш! Зошто на крајот на краиштата индивидуите коишто тоа го прават треба да одговараат. Сите треба да бидеме за слободни и фер избори, но не за заземање страни.“

Немаме да се откажеме од истрагата и ќе ја тераме до крај, велат конгресмените коишто побаар истрага за инволвираноста на американскиот амбасадор во Македонија во случувањата во нашата земја.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ