Конгресменот Смит тврди дека Сорос и Бејли директно влијаеле врз изборите во Македонија
Американската јавност дозна за американскиот амбасадор Џес Бејли во Македонија во интервју со конгресменот Кристофер Смит за радиото „Вашингтон Стража“. За случајот со американската амбасада во Македонија со Сорос се заинтересираа и дописници од Вашингтон за балкански медиуми.

Дали Џорџ Сорос влијае на избори во Европа? Шокантно!- вака познатиот американски радио водител Тони Перкинс во своето ток шоу на „Радио Вашингтон Стража“ минатата среда го претстави конгресменот Кристофер Смит којшто за ова бара одговори од американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
„Кратко по изборите во Соединетите Американски Држави во ноември, Република Македонија што беше дел од поранешна Југославија имаше избори во декември. Во оваа држава родена во 1991-та доминира конзервативна идеологија слична како во САД на Роналд Реган, ги презеде истите принципи што функционираат, слободни пазари и лична одговорност. И нивната економија растеше. Мала држава колку Вермонт, но многу успешна. Но на изборите во декември, конзервативците едвај победија. Причината, дали конзервативната идеологија не функцинира? Не. Милијардерот Џорџ Сорос се здружи со нашиот Стејт Департмент и ја таргетираше Македонија како и други европски демократии со ваши пари од даноците. Мислам дека Американците ќе бидат шокирани дека американската влада се здружува преку УСАИД во Стејт Департментот да финансира левичарски организации, технички стара комунистичка партиа да ја симне од власт сегашната конзервативна влада“, вели радио водителот Тони Перкинс.
„Нечуено е САД да финансира невладина организација СОРОС- Отворено општество со доста значителни пари. Впрочем овие пари се уште се доделуваат, во период од 2017 до 2021 изнесуваат 9,5 милиони. Ние не треба да го правиме тоа. Ние доделуваме пари за цивилно образование, да се гради капацитет за слободни медиуми, набљудување на слободни и фер избори. За СОРОС поставив прашања до амбасадорот Џес Бејли, американски амбасадор во Македонија, многу значајни прашања. Сите се за финансирање на организации што имаат за цел да променат закони во Македонија и најважно кој ќе биде избран на избори. Ова е нечуено, под Обама немаше никаква транспарентност за овие прашања. Сега во Македонија ќе се направи темелен преглед од Стејт Департментот да се обезбеди дека ваква агресивна пристрасност не се случува. Една работа е мониторинг на избори што е благодарна работа за да има слободни и фер избори, а сосема друга работа е да се поддржуваат индивидуи и партии за кои СОРОС и неговата банда се надлежни за финансирање. За тоа не се наменети доларите на американските даночни обврзници“- рече Кристофер Смит, конгресмен од Њу Џерси.
Не се работи само за мирно дебатирање на различки политички ставови, туку и за финансирање на немири од страна на СОРОС слични на немирите во САД по изборот на претседателот Доналд Трамп, посочи радио водителот Тони Перкинс.
„Ова што тие го прават е целосно антидемократски со наши долари од даноци“, додава Перкинс.
„Кои сме ние да им кажеме на луѓето во Македонија е за овој треба да гласате и да обезбедуваме пари за неговата организација. Ова е многу лоша порака. Би требало цивилниот сектор и медиумите само да известат кој победил“, рече Смит.
„Брзо, дали Македонија беше таргетирана поради нивниот успех како конзервативна нација?“- праша Перкинс.
„Мислам дека тоа е дел од она што го гледаме и е многу сериозно прашање за амбасадорот Бејли. Повторно ќе очекувам извештај од генералниот инспектор“- одговори Смит.
За писмото од американските конгресмени со барања за одговори од американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли се заинтересираа и дописниците на повеќе балкански медиуми во Вашингтон.
Американците од македонско потекло во април минатата година започнаа собирање потписи за петицијата за повлекување на американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
