МОН додели стипендии за студенти по хемија, физика и математика

07.02.2017 13:25

Од доделените стипендии, 38 се за студенти запишани на студиски програми по математика, 29 по хемија и 28 за тие што студираат физика. Вкупниот износ кој ќе им биде исплатен на корисниците на овој вид стипендија е речиси 15,4 милиони денари.

Министерството за образование за прв пат додели стипендии за студенти запишани на додипломски студии по хемија, физика и математика. На 95 студенти ќе им се исплаќаат по 18 илјади денари, девет месеци во годината.

Од доделените стипендии, 38 се за студенти запишани на студиски програми по математика, 29 по хемија и 28 за тие што студираат физика. Вкупниот износ кој ќе им биде исплатен на корисниците на овој вид стипендија е речиси 15,4 милиони денари.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски е задоволен од големиот интерес на студенти кои се пријавиле за стипендиите. Според конкурсот беа предвидени вкупно 105 стипендии за студенти од државните и од приватните универзитети, од кои 70 за припадници на македонската заедница и 35 за немнозинските заедници во Македонија, а потребниот минимален просечен успех во претходните студиски години на кандидатот треба да е 7 на соодветната високообразовна установа.

Ристовски на прес-конференција истакна дека овој тип финансиска поддршка е инициран од реалната потреба за овој исклучително дифицитарен кадар на пазарот на трудот во Македонија и дека целта е да се поддржат студентите кои веќе студираат на овие три катедри, но и да се стимулираат идните генерации при изборот на понатамошното образование.