Пристигна и шестиот патнички воз на МЖ Транспорт

08.02.2017 15:07

Инвестицијата е вредна 25 милиони евра. Потпишан е договорот и за набавка на нови локомотиви во вредност од 8,7 милиони евра.

Пристигна и последниот од шесте патнички возови, нарачани од кинески ЦСР за обнова на возниот парк на Македонски железници- Транспорт. Инвестицијата е вредна 25 милиони евра. Потпишан е договорот и за набавка на нови локомотиви во вредност од 8,7 милиони евра.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска изјави дека сега треба да се исполнат сите процедури и технички работи по што возовите ќе бидат ставени во функција.

Паралелно со ова ќе започнеме и со други постапки за да го обновиме целиот возен парк во Железници. Во длабоки подготовки сме за тоа, рече Мисајловски, додавајќи дека веќе е потпишан и договорот за нови локомотиви во вредност од околу 8,7 милиони евра.

Ќе продолжиме максимално со зголемување на инвестициите во железницата. Во Министерството за транспорт и врски оставени се и дополнителни 360 милиони денари директно за помагање на железницата во однос на платите и сите трошоци коишто ќе ги имаат, рече министерот Мисајловски.

Според директорот на Македонски железници- Транспорт, Никола Костов, со ова е обновен возниот парк за околу 60 проценти, а со владината поддршка се очекува обновување за уште 40 проценти.