Грчките земјоделци не попуштаат, блокадата проблем за домашното стопанство
Блокадата на Евзони- Богородица станува сѐ поголем проблем за домашното стопанство. Растат трошоците за транспорт, превозниците бараат алтернативни рути. Грчките земјоделци се заканија дека ќе ги отсечат железницата и преминот Дојран.

Многубројните реакции и барања резултираа со пропуштање на 9 цистерни со нафтени деривати на ОКТА преку граничниот премин Евзони кој поради штрајк на грчките земјоделци сѐ уште е затворен за сообраќај, додека премините Дојран и Меџитлија на македонско-грчката граница се отворени. Од ОКТА смируваат дека се презема сѐ за да се обезбеди нормално снабдување на земјава со нафтени деривати.
„И покрај зголемените трошоци, ќе продолжиме да го снабдуваме пазарот на гориво, користејќи ги сите алтернативни начини. Веднаш штом добиеме дозвола, подготвени сме да продолжиме да увезуваме гориво преку нафтоводот кој ги поврзува капацитетите во Скопје со рафинеријата во Солун, проект кој дава дефинитивно решение за непречено снабдување на земјата со течни горива“- е ставот на Рафинеријата ОКТА, која чевтврта година не работи, а домашниот пазар го снабдува со бензини и дизел кои ги увезува од рафинериите на „Хеленик Петролеум“ во Грција.
Останува проблемот со 120 илјади тони товар наменет за нашата индустрија, најмногу руди, јаглен, слабови, сол, железо. Тие се складирани во Солунското пристаниште и се чека на превоз до крајните дестинации.Транспортерите алармираат дека поради блокадата на најкратката рута растат нивните трошоци. Од „Макамтранс“ препорачуваат користење на другите гранични премини, како и транзит преку Бугарија и влез преку преминот кај Ново село.
Железничкиот транспорт засега се одвива нормално, но патниот преку Евзони е блокиран. Нашите Синдикати денеска и Стопанската комора вчера, побараа поддршка од грчките синдикати и тамошната бизнис- заедница за надминување на транспортните проблеми кај јужниот сосед.
Во меѓувреме грчките фармери најавуваат радикализација на протестите и блокада на пругата и на другите гранични премини, доколку ресорните министри утре не се сретнат со нивните претставници за да разговараат за нивните барања. Се планира голем протест на 14-ти февруари во Атина, како и собири пред даночните канцеларии и банките.
Свето Николовски
