Иванов- Хан: Неопходно е што поскоро да се формира влада
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан ја завршува посетата на Македонија. Во Вилата Водно беше примен од претседателот Ѓорге Иванов. На средбата, во фокусот, актуелната политичка состојба во земјава...

Надминувањето на политичката криза е од клучно значење Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварувањето на евроинтеграциските цели, истакнал претседателот Иванов на средбата со еврокомесарот Хан.
Беше потенцирана неопходноста од што поскоро формирање влада, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици, соопштуваат од Кабинетот на шефот на државата.
Иванов изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на државава од страна на некои соседни земји.
Еврокомесарот Хан го запознал претседателот за средбите со лидерите на политичките партии и изнесените ставови, потенцирајќи дека новата влада треба да биде доследна на европската перспектива и фокусирана на реформите. Еврокомесарот рекол дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите, стои во дописот.
Македонскиот претседател потенцирал дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните, повторувајќи ги клучните приоритети што се очекуваат од новата влада, заштита на државните интереси и зацврстување на унитарниот карактер на државата, и системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за националната безбедност.
