Јавното обвинителство отвори истрага за изборни нерегуларности

13.02.2017 15:03

Скопското Основно јавно обвинителство за изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година. Оформен е предмет за едно лице организатор на изборна кампања, за други лица и за еден правен субјект. Сослушани се повеќе од 70 сведоци. Директорот на Бирото за јавна безбедност не сака да коментира додека трае предистражната постапка.

За давање лажни податоци во финансиските извештаи и за употреба нелегални средства во изборната кампања, скопското Основно јавно обвинителство започнало истрага уште лани. По поднесена кривична пријава, од институција чие име засега не се соопштува, истражителите во обвинителството оформиле предмет против организатор на изборна кампања, други луѓе и против правен субјект за сторено кривично дело - злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања.

Поради тајност на истрагата, засега од Обвинителството не соопштуваат детали. Во соопштението наведуваат дека обезбедиле материјална документација и релевантни писмени докази, а на разговор во обвинителството  биле сослушани повеќе од 70 сведоци.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков не прецизираше дали МВР е институцијата што ја поднело кривичната пријава. Рече дека сите информации за сторени кривични дела, како за овој, така и за другите случаи, полицијата ги доставува до Обвинителството.

Од Обвинителството соопштуваат дека поконкретни податоци ќе дадат кога ќе се исполнат законските услови.

Анита Димитријевска