Внимавајте, за влез во ЕУ со минимум три месеци важечки пасош
Голем број патници што требало да патуваат од македонските аеродроми кон земјите од Европската унија се вратени, поседувале патни исправи чиј рок на важност бил покус од 90 дена. Апел од институциите да се вршат проверки пред да се реализира аранжманот.

Со повратен авионски билет в рака и со пасош чија важност е помала од два месеци, патничка не била пропуштена да го продолжи патувањето кон Виена. Ја вратиле аеродромските власти. Картата им пропаднала на уште неколкумина македонски државјани што се обиделе да заминат кон земјите од ЕУ со важечка патна исправа што истекува за помалку од 90-ина дена. Тие можеле да добијат излез од земјава, но со Шенгетската регулатива, пограничните служби на која било држава од Европската унија ќе ги депортираат назад.
„И да стаса до дестинацијата во ЕУ, голем е ризикот да биде вратен, а тоа значи пенали во финансиска смисла кон РМ. Аеородромскиот оператор има платено минатата година 26 до 30 илјади евра по основ на казни, а со тоа се руши и нашата репутација и на МВР, и на операторот и на Агенцијата. Апелирам граѓаните да ги проверат документите пред да патуваат“, вели Горан Јандреовски, директор на Агенција за цивилно воздухопловство.
Во 2016-тата, речиси милион и седумстотини илјади патници ги користеле услугите на македонските аеродорми. Директен лет има кон 31 европска дестинација и кон Дубаи. Преговорите се во завршна фаза, техничката документација се комплетира, од 17-ти јули ќе се лета и до Доха- потврдија воздухопловсните власти. Не откриваат детали од преговорите што ги водат со други оператори. Воздухопловни експерти и инспектори од областа на лиценцирање персонал, летачка оператива, економски надзор на навигација во рамки на програмата ЕРАЗМУС разменија искуства со колеги од Бугарија. Целта- изедначување на вештините, професионален развој по европски практики.
„Бевме добитници на овој грант преку програмата ЕРАЗМУС, аплициравме и за други фондови за надградба за надградба на компетенциите“, вели Јандреовски.
Стекнатите искуства ќе ја поттикнат регионалната соработка во воздухопловството, ќе ги зајакнат капацитетите на Агенцијата чии кадри имаат обврска на највисоко ниво да ја регулираат безбедноста на воздушниот сообраќај и воздухопловната навигација.
Сузана Фиданска- Стоевска
