Протести во Париз против полициското насилство

16.02.2017 12:47

Неколку стотици демонстранти се собраа синоќа во северниот дел на Париз, во знак на протест поради полициско насилство во врска со случајот „Тео“, што доведе до судири со силите на редот и голема материјална штета. Во демонстрациите се вклучија и неофашистите. Полицијата реагираше со солзавец...

Меѓу демонстрантите имаше многу анти-фашисти, анархисти кои запалија светлосни ракети и контејнери за ѓубре. Потоа тие започнаа со фрлање на шишиња и други проектили против полицијата, која одговори со сила и солзавец.

На плакатите можеше да се прочита, „Полициско насилство: крај на неказнувањето“. Демонстрантите притоа пееа, „Сите ја мразат полицијата“ или „Полицијата е расистичка“, групата на повеќе пати се обиде да замине од местото на собирот.

„Ќе се бориме докрај за да проработи правосудниот систем, да бидат казнети сторителите. Расизмот и насилството станаа секојдневие на работниците и младите во предградијата.“

„Протестирам против неправдата и расизмот во системот. Неправда постои зашто млад човек беше силуван од луѓе кои се нарекуваат претставници на силите на редот и мирот. Полицијата и судството тврдат дека не бил злоставуван, што е невиден скандал. И политичките партии ги поддржуваат нив, неприфатливо е ова“, велат демонстрантите.

Во Руан, манифестацијата на околу 150 луѓе резултираше со судири со силите на редот, при што две лица беа повредени, а 21 уапсени. Во Рен, околу 120 демонстранти маршираа низ центарот во доцните попладневни часови, а инциденти се забележани во Тулуз и Лил.

Судењето по брза постапка на дел од учесниците во првите нереди по обелоденувањето на полициското насилство врз Тео, само долеа масло врз огнот на незадоволството на младите, кои сметаат дека полицијата може некането да прави се што сака. Младите не ги смирија ни напорите на претседателот Оланд и владата, кои тврдат дека секој припадник на силите на редот треба да се однесува примерно, во спротивно ќе биде казнет.

Но, овие настани само два и пол месеци пред претседателските избори сигурно дека ќе влијаат на нивните резултати.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ