„Херитиџ“ ја рангираше Македонија како економски слободна земја, на 31-во место во светот

16.02.2017 14:37

Македонија се искачи за 16 места на ранг листата на фондацијата „Херитиџ“ за економски слободи, и годинава се најде на 31-во место. Од регионот Косово е 46-то, Србија 99-та, а Грција е на 127-мо место.

Македонија е рангирана на 31-во место според индексот на економски слободи на американската фондација „Херитиџ“ и се вброи во категоријата слободни држави. Лани Македонија беше рангирана како 47-ма, а годинава доби 70,7 поени, односно за 3,2 повеќе од лани и се искачи за 16 места на оваа листа. Практично, Македонија како единствена земја од регионот се најде во категоријата на главно слободни држави во Европа, како: Естонија, Луксембург, Германија, Австрија, Чешка, Финска и Норвешка.

Фондацијата „Херитиџ“ секоја година ги рангира државите според четири критериуми: владеење на правото, големина на државниот апарат и долгот, ефикасност на регулаторниот режим и слобода на трговијата.

Македонија најмногу поени доби во делот за даночно оптоварување каде што доби 91,9 поени, за трговските слободи 86,1, додека за бизнис- слободите 81,5 поени. Во објаснувањето се вели дека Македонија ја подобрила регулаторната рамка, создавајќи стабилно окружување за странски и домашни инвестиции, но политичката нестабилност оневозможила подинамичен раст на економијата.

Новите инвестиции во производството на автомобилски делови помогнале за диверзификација на економијата, смета „Херитиџ“, а бизнисите имаат корист од конкурентните рамни даночни стапки и отворениот трговски режим.

Фондацијата препорачува натамошни структурни реформи, особено во областа на корупцијата во власта и бирократијата.Честото менување на бизнис регулативата и селективното спроведување на законот, според „Херитиџ“ ја намалуваат довербата на странските инвеститори.

Од земјите во регионот, Косово е на 46-то место, Бугарија е 47-ма, Хрватска е 95-та, Словенија е две места зад неа, а Србија е позиционирана на 99-то место. Грција го подобрила пласманот и годинава е рангирана како 127-ма.

Свето Николовски