По Вучиќ, и Николиќ ќе се кандидира за претседател
По Вучиќ и Николиќ ќе се кандидира за претседател на Србија- официјална потврда сеуште нема. Ќе има ли жешка политичка пролет во Србија?

Томислав Николиќ одлучи да се кандидира за претседател на Србија- вест која доцна синоќа повикувајќи се на свои извори ја објавија руски Спутник и балкански ЦНН-Н1 ТВ предизвика вистинска политичка и медиумска бомба во Белград. Збунетоста од веста е голема бидејќи уследи ден по одлуката на СНС за претседателската кандитатура на Александар Вучиќ. Официјална потврда за кандидатурата на Николиќ се уште нема. На неговата Твитер порака стои само- Не остапувам, не се повлекувам, објавена по синоќешното одбележување на Денот на државноста, на кое освен премиерот Вучиќ немаше никој друг од Владата.
Танјуг, кој денес контактираше со Александра Вучиќ објави дека премиерот молчи и нема коментар на оваа вест. Но, затоа се јави вицепремиерката Зорана Михајловиќ која изјави дека Николиќ сака да ја подели СНС и да и помогне на опозицијата.
Шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ потегот на Николиќ го оцени какао срамен.
Во отсуство на други официјални ставови, аналитичарите се со различни ставови- од избрзаноста на одлуката за кандидатурата на Вучиќ- до можност за раскол кај напредњаците, партија која ја основа самиот Николиќ.
Досегашните анкети, предвудуваа победа на Вучиќ со освоени 50% од гласовите, што сега се доведува во прашање. Тука е и нејасноста за можниот наследник на премиерското место на Вучиќ, меѓу кои се споменува и Ивица Дачиќ- лидер на коалиционата СП, која синоќа веќе ја подржа кандидатурата на Вучиќ. Сето ова, според медиумите и аналитичарите ја зголемува и можноста за одржување на предверемени парламентарни избори- паралелно со претседателските во текот на април и за една турбулентна политичка криза.
Во очекување на официјалните ставови на Николиќ и Вучиќ, медиумите ја пренесуваат и веста за забрзани состаноци и подршката за Вучиќ на коалиционите партнери, но и во рамките на одборите на владеачката напредна странка, која утре на седница на Главниот одбор се очекува да ја потврди едногласната одлука за кандидатурата на Вучиќ за председтел на Србија.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
