Бизнисот апелира: Штетите милионски, блокадата на Евзони брзо да се реши

16.02.2017 16:54

Македонски и српски стопанственици, на бизнис форум во Скопје. Соработката меѓу двете страни се продлабочува. Проблем претставува блокадата на границата со Грција. Бизнисмените велат, штети има, бидејќи Солунското пристаниште е многу важно.

Штетите милионски, последиците допрва во широки размери ќе удрат на зделките и трговската соработка. Бизнис заеницата од Македонија и Србија апелира проблемот со блокада на Евзони што поскоро да се реши, да се обезбеди проток на луѓе и стоки. Ситуацијата постојано се следи, дописи се испратени до Грчката амбасада и Унијата на грчки комори, се прават напори, алтернативни патишта бараат и домашните и странските институции- тврдат Коморите.

Штети ќе има не само врз македонското стопанство, туку и врз земјите со кои соработуваме. Се надеваме дека ситуацијата ќе има брза разрешница за да не бидат големи директните и индиректните трошоци. Одговорот од грчка страна е дека и тие се залагаат за што побрзо надминување на ситуацијата, битно е Солунското пристаниште, но важни се и соработките за излез на други пазари“, рече Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија.

И српските бизнисмени предупредуваат, блокадите на границите ќе ја забават трговската размена меѓу земјите.

„Се обидуваме да укажеме колкави се штетите и трошоците од ваквите времени пречки. Воедно апелираме да се овозможи слободен проток на стоки и луѓе“, нагласи Даница Миловановиќ, Центар за регионална соработка.

50 компании од Македонија и Србија на инвестициски форум дебатираат како да се зајакнат деловните врски, меѓусебно да се поврзаат за настап на трети пазари. Таргет- земјите од Западна Европа и Блискиот Исток.Формираа и Македонско-српски деловен совет. Иако бизнисот секогаш оди пред политиката, за квалитетно придвижување неопходно е и владите да се ангажираат- посочија бизнисмените.

„Војни има, политички проблеми има, меѓутоа економијата мора да функционира, не заради тоа што ние сакаме, туку заради тоа што тоа е основата, крвотокот на една држава, и на целиот регион“, вели Антони Пешев, претседател на Собранието на СКМ.

Во 2016- тата, вкупната трговска размена меѓу Македонија и Србија изнесувала 700 милиони американски долари, благ пораст за пет проценти споредбено со 2015-тата. Вредноста на увозот достигнала 500 милиони, на извозот 200 милиони долари. Кај јужниос сосед најмногу извезуваме вино, лекови и рафинирано сончогледово масло, увезуваме, брашно, железо и струја.

Сузана Фиданска- Стоевска