Железничкиот сообраќај парализиран поради штрајк
Исплаќање на јануарската плата за повторно сообраќање на возовите. 2.500 вработени во Македонски железници трет ден се на протест. Менаџментот бара решение за проблемот со претставници од Владата.

Трет ден е парализиран железничкиот сообраќај поради штрајк. Вработените бараат да им се исплати јануарската плата. Синдикалците велат дека веднаш штом ги добијат платите ќе прекинат со штрајкот, па и оти ќе работат прекувремено.
Не сообраќаат ниту товарните, ниту патничките возови. Попладнево менаџментот на претпријатието седна на маса заедно со претставници на Владата, за да се најде решение за овој проблем. Засега нема одговор дали и што е договорено.
Од Министерството за транспорт велат дека веќе се префрлени 390 милиони денари за помош на работењето на Железница.
По Евзони, прекинот на железничкиот транспорт ќе доведе до нови загуби на компаниите ако се земе предвид фактот колкав процент на транспорт на суровина се врши по железница, предупредуваат од синдикатот.
Во текот на вчерашниот ден директори од Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај доставиле записник со кој било наложено да се одвива минимум железнички сообраќај.
Дијана Ценевска
