На Институтот за белодробни заболувања нова опрема и метода за бронхоскопија
За прв пат во јавното здравство ќе се врши интервенција за малигно заболување во напредна фаза на дишните патишта, најавија од ресорното министерство. За оваа метода е обучуван медицински персонал во Словенија. Набавена е и опрема во вредност од 1,5 милион денари.

Интервенција на малигни заболувања во напредна фаза на дишните патишта за првпат ќе се изведува на институтот за белодробни заболувања. Ќе им се подобри квалитетот на животот на болните - велат лекарите. Објаснуваат, поради малигното заболување, на пациентите им се блокираат дишните патишта, а тоа доведува до гушење или други потешкотии.
„Преку ваква интервентна постапка, која е мала хируршка интервенција директно во лументот на дишните патишта по пат на криотерапија, а тоа е терапија по пат на ладење, се отстрануваат тумурските маси. На овој начин би се овозможило ослободување на дишните патишта. Секако дека методата е многу тешка, скапа и бара тимска работа“, изјави д-р Билјана Илиевска - Поповска, директор на Институтот за белодробни заболувања.
Медицинскиот тим е подготвен да ја изведува новата метода, биле на обука во Словенија. Набавена е и опрема.
„Со набавката на оваа опрема од околу 1,5 милион денари и со инвестицијата во кадарот кој беше на едукација во странство и усвојувањето на новата метода се овозможува да се воведе нешто ново во македонија и нешто што досега не било достапно на пациентите во земјава. Досега оваа интервенција не е направена, но апаратот е ставен во функција“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Ракот на белите дробови е најчестото малигно заболување во земјава. Според лекарите, до 40 проценти од пациентите развиваат опструкција на дишните патишта која е причина за смртен исход кај болните.
Андријана Атанасовска
