Железничкиот сообраќај во прекин, вработените бараат целосна исплата на јануарската плата

21.02.2017 12:40

„Македонски Железници- Транспорт“ соопшти дека до крајот на овој месец ќе изнајде начин да го исплати првиот дел од јануарската плата, а од 10-ти март и вториот дел од платата. Ги деманитираат информациите дека на вработените им се должат многу плати.

Железничкиот сообраќај сѐ уште е во целосен прекин поради протестот на вработените кои бараат целосна исплата на јануарската плата. Возовите и денеска не сообраќат.

„Македонски Железници- Транспорт“ соопшти дека до крајот на овој месец ќе изнајде начин да го исплати првиот дел од јануарската плата, а од 10-ти март и вториот дел од платата. Ги деманитираат информациите дека на вработените им се должат многу плати. Информираат дека и покрај огромните предизвици со кои се соочува железничкиот систем, не е исплатена само јануарската плата.

Од „Македонски Железници- Транспорт“ посочуваат дека во соработка со Владата треба да се финализира и решението за подолгорочно решавање на состојбата во Македонски Железници. Апелираат до сите вработени кои не дозволуваат нормално одвивање на железничкиот сообраќај, да не потпаѓаат под притисок за собирање на нечии дневно-политички поени, бидејќи подлегнувањето на такви притисоци нема да доведе до решенија, туку само до продлабочување на кризата што од друга страна е цел на одредени политички субјекти, наведува „Македонски Железници - Транспорт“.

Од друга страна, вработените остануваат на ставот да им биде исплатена целосно јануарската плата. Најавуваат дека прекинот на железничкиот сообраќај ќе трае сѐ додека не биде исполнето нивното барање.