Железничкиот сообраќај сѐ уште во прекин
Возовите и денеска не сообраќаат. Железничкиот сообраќај е сѐ уште во прекин поради протестот на вработените. Од Македонски Железници- Транспорт информираат дека до крајот на овој месец ќе изнајдат начин да го исплатат првиот дел од јануарската плата, а од 10-ти март и вториот дел. Од Синдикатот бараат целосна исплата.

Најавата за исплата на јануарската плата на два дела не е доволно за вработените во Македонски железници да го прекинат протестот и да ги покренат возовите. Откако од МЖ- Транспорт информираа дека до крајот на месецов, вработените ќе го добијат првиот дел од јануарската плата, а за 10 дена и вториот, од Синдикатот велат- бараме целосна исплата.
„Со таа понуда не се согласивме, бевме децидни сите вработени во Македонски железници дека додека не се исплати јануарската плата и не се продолжи со редовно исплаќање на платите до 15-ти во месецо, како и секаде, ние ќе продолжиме да протестираме“, изјави Ѓоко Илиевски од Синдикатот на вработените.
Синдикалците велат дека поради тоа што им доцни платата, веќе имаат проблем да ги платат сметките или банкарските кредити.
„Кој ќе ми ги плати сметките, блокирана е од извршители“, вели Живко Лалев.
„Банката си книжи камати секој ден, ЕВН не ни вели плати ја сметката на два пати- вели плати ако сакаш да имаш струја“, изјави Стефчо Николовски.
Од Македонски железници преку соопштение информираат ваквиот начин не решавање на проблемите само може да ја продлабочи кризата. Велат дека поради ланските блокади од грчка страна претпреле директна загуба од 5 милиони евра, а вратиле и долгови од 15 милиони евра и ги исплатиле задоцнетите плати, што било причина повторно да се соочат со финансиски предизивци.
Дијана Ценевска
