Трамп ја подготвува новата национална безбедносна стратегија
Американскиот претседател Доналд Трамп ја подготвува новата американска национална безбедносна стратегија која треба да биде следена со зголемување на воениот буџет. Американски експерти оценуваат дека стратегијата треба да се концентрира на справување со влошената ситуација на Блискиот Исток, Европа и Азија.

Новиот тим за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, којшто вклучува двајца поранешни генерали, секретарот за одбрана Метис и новиот советник за национална безбедност Мекмастерс, ја подготвуваат новата американска национална безбедносна стратегија што треба да се одговори на влошената ситуација во Европа, на Блискиот Исток и во Азија.
„Метис кажа дека Русија е најголемата закана за американската безбедност. Очекувам да видам мерки за осигурување како европската иницијатива што предвидува распоредување на американски сили во Источна Европа. Претседателот Трамп вели ИДИЛ, па очекувам дека ќе продолжат и ќе се засилат операциите на специјалните сили клуќни за победа на ИДИЛ“, изјави Роберт Хејл, поранешен контролор во Департментот за одбрана, ветеран и вработен во консултанската компанија „Буз Ален Хамилтон“.
Паралелно се подготвува зголемување на воениот буџет од 600 милијарди долари на околу 700 милијарди долари. Овие средства нема да можат да се зголемат многу оваа година поради ограничувањето останато од претходната администрација, но експертите советуваат дека тие наместо главно за операциите во странство треба да се наменат и за зголемување на готовноста, обука, модернизација, одржување на опремата и иновации.
„Воените сили денеска се неверојатно способни за антитерористички операции. Но кога станува збор за остатокот од воените операции, тие стагнираат, не само за финансирање, туку за важни работи како време за обука на персоналот и вежби во сите области“, изјави Мајк Молер, пензиониран генерал во американската авијација и потпретседател на компанијата „Прат енд Витни“.
Новата американска национална безбедносна стратегија ќе вклучува и модернизација на нуклеарниот арсенал и заштита од компјутерски напади.
САД се уште имаат најголем воен буџет во светот. Само за споредба, Кина троши годишно 200 милијарди долари, а Русија 75 милијарди долари.
Ирина Гелевска, постијан дописник од Вашингтон за МРТ
