Двојно повеќе средства за модернизација и опремување на АРМ

23.02.2017 12:55

Годинава се предвидени двојно повеќе средства за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија, вкупно 315 милиони евра. Македонската, досега во мировните мисии има распоредено над 50 проценти од армијата. Одбранбените подготовки и имплементацијата на планот- тема на редовните билатерлани консултации меѓу земјава и НАТО Алијансата.

Активен придонес и полноправно членство во атлантските интеграции, е и натаму клучен приоритет на Владата. Од 2008-та, се исполнети сите критериуми за членство, но сепак Македонија е во предворјето на Алијансата. Денешните билатерални консултации, 17-ти по ред во исто толкав број години, се можност за презентација на стореното според НАТО стандардите, и во Министерството и во Армијата. Оттаму, драстично е зголемен воениот буџет за модернизацијата на македонската армија годинава, вели државната секретарка.

„Очекуваме фокусот да биде ставен на имплементацијата на Планот за опремување и модернизација на АРМ за којшто Владата на Република Македонија одвои 315 милиони евра за финансирање проекти што ќе придонесат за соодветно опремување на АРМ“, изјави Елизабета Чуповска-Ристова, државен секретар во Министерството за одбрана на Македонија.

Босна, Авганистан, Либан, а претходно и Ирак се мировните операции во кои е присутна и учествувала Армијата досега со над 50 насто од вкупниот број припадници. Сеопфатниот ангажман ја амортизира опремата, но неопходно е следење и на новите текови во вооружувањето.

„Од 7,9 милиони за главна опрема што имаме остварено 2016-та година, оваа година Владата на РМ покажа спремност и политичка волја, овие расходи да бидат зголемени на 20 милиони евра“, вели Чуповска-Ристова.

Република Македонија ги исполнува сите стандарди за полноправно членство во НАТО. Сепак, ова прашање во Брисел и натаму е оптоварено и има политичка тежина, поради консензусот за прием на нови членки во Алијансата.

 

Зоран Богатинов