Преговорите за нова влада влегуваат во финале

23.02.2017 15:44

ДУИ ја прифати верзијата на Законот за употреба на албанскиот јазик. Се очекува партијата утре, на седницата на претседателството, да донесе одлука дали ќе влезе во владата. Потписите за мандатот се веќе обезбедени, Македонија во првата половина на месец март ќе добие нова влада предводена од СДСМ, изјави во Сараево лидерот на партијата Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со став- нема да дозволиме редефинирање на Македонија.

Претседателството на Демократската унија за интеграција на синоќешната седница ја прифати верзијата за употребата на албанскиот јазик, и како што изјавија претставници на партијата, приближени се ставовите со СДСМ. Портпаролот на интегративците Бујар Османи вели дека има уште прашања што треба да се дискутираат, но оти е важно дека е заокружена една значајна фаза. Потребно е да се усогласат платформи меѓу партиите, а одлуката на претседателството за законот за употреба на јазиците не значи по автоматизам поддршка за формирање влада, појаснува гласноговорникот на интегративците. Конечната одлука дали ќе му ги даде 10-те пратенички потписи на СДСМ е во рацете на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Ова вчера што се случи не значи по автоматизам поддршка за формирање на Влада- само надминување на една важна препрека од процесот. Понатаму ќе продолжиме да ги разгледуваме и другите прашања. Сега ние продолжуваме со разговори во однос на тоа дали може да усогласиме формирање влада меѓу двете партии. Изборната програма на ДУИ е јасна, претставена е пред граѓаните и таму се наоѓаат сите точки кои треба да се имплементираат. Доколку и тука не најдеме согласнот, повторно тоа ќе биде пречка за склучување на договор“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Потписите за мандатот веќе се обезбедени и Македонија во првата половина на март ќе добие нова влада предводена од СДСМ,изјави во Сараево лидерот на партијата Заев. Потенцира дека идната владина програма, платформата на СДСМ, платформата на албанските политички партии и законот за употребата на јазиците се усогласени.

„Сега се веќе обзбедени потписите за добивање на мандатот, јас верувам дека остануваат мал дел од преговорите околу формирањето на Влада, заради тоа што најзначајните прашања, тоа се идната владина програма, платформата на Социјал- демократите, платформата на албанските партии, Законот за употреба на јазиците се усогласени. Тоа се суштествените работи, останува да седнеме со претседателите на другите политички партии, да се договориме за ресорите, за кадрите во делот на Владата, и верувам дека за 10-15 дена Македонија ќе има нова Влада предводена од Социјал-демократите“, изјави во Сараево претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ има намера да ја редефинира државата само за да дојде на власт и оти за оваа цел планира да го крши и Уставот. Тоа нема да го дозволиме, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението се наведува дека партијата нема да дозволи дефакторизација на македонскиот народ и на другите етнички заедници што живеат во Македонија.

„Речиси половина милион Македонци го осудија на пораз СДСМ и неговите криминални и деструктивни сценарија. СДСМ ја нема поддршката од народот и покрај валканите и криминални обиди да купува гласови. На криминалот мора да му се стави крај. Не смее да се дозволи и натаму на криминален начин СДСМ и партнерите да се обидуваат да ја оспоруваат и фалсификуваат волјата на народот“, изјави Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Наша историска и идеолошка определба, но и мандатот даден од мнозинството граѓани, е заштитата на државните и националните интереси во која било форма и во која било ситуација, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Милчо Велески