Зголемен буџет и повеќе интервенции на Клиниката за детска хирургија

23.02.2017 15:41

Се зголемува бројот на интервенции на Клиниката за детска хирургија. Годинава се очекува да се извршат 60-ина. Оваа установа располага и со повеќе пари...

Двојно е зголемен бројот на извршени сложени операции на Клиниката за детска хирургија. Лани, со помош на доктори од странство, се направени повеќе од 50 операции на срце кај деца. Годинава се очекуваат повеќе интервенции. Според директорот Симеонов, во Детската хирургија се прават многу други сложени операции, кои лекарите ги извршуваат сами. Хирурзите пред десетина дена е направиле трансплантација на бубрег на дете. 

„Минатата година направивме 1.870 операции, од кои 52 се кардиохируршки. Пред 10-тина дена е направена трансплантација на бубрег, детето е дома и е во добра состојба. Планираниот број трансплантации за оваа година е три со условен буџет. Се надевам дека бројот на трансплантации ќе биде поголем од три“, изјави д-р Ристо Симеонов,  директор на Клиниката за детска хирургија.

Зголемен е буџетот на Клиниката за детска хирургија. За оваа година се предвидени 133 милиони денари или девет милиони денари повеќе од лани.

„Се потврдува фактот на систематско и континуиранио вложување во јавното здравство преку едукација на медицинскиот кадар, вложување во нова софистицирана опрема и воведување нови методи во јавните здравствени установи“, вели Сашо Стефановски - директор на ФЗОМ.

Изминатата година петмина доктори од оваа Клиника заминале на специјализација во странство.

 

Андријана Атанасовска