Продолжува судскиот процес за случајот „Диво насеље“

23.02.2017 16:06

Во големата сала на Врховниот суд, со давање исказ на обвинети, продолжи судскиот процес за кумановските настани. Второобвинетиот тврдеше дека не сакале да војуваат, туку да притиснат за спроведување на Рамковниот договор. Призна дека пукал кон полицијата. Во овој случај се вкупно овбинети 37-мина за тероризам и помагање. Во престрелката загинаа осум припадници на полицијата.

Сакавме да испратиме соопштение до албанскиот народ да се обедини околу црвено-црното знаме. Немавме намера да војуваме. Ова го изјави Анди Красниќи, познат како командант Малишева, на судскиот процес за случајот „Диво насеље“. Уривање брани, атентати и напад на стратешки државни објекти, наводно не било цел на групата.

Второобвинетиот пред судот сведочеше дека групата што пристигнала во земјава од Косово дошла со единствена намера да изврши притисок да се имплементира рамковниот договор.

Според исказот на Малишева, десетина ветерани на ОНА се засолнале во куќата на Кенан Исени во селото Отља, од кадешто биле транспортирани во кумановската Дива населба. Потврди дека и самиот пукал кон полицијата, и тоа, како што рече, пукал колку што можел. Кога пукотницата се вжештила, според исказот на Красниќи, еден од членовите на групата телефонски му се јавил на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и побарал од него како партнер во Владата да направи сѐ што може за да прекине огнот, зошто во спротивно ќе настрада, како што рече, цивилно население.

За наводното кршење на правата на Албанците, како што тврдеше Малишева, групата добивала информации од поддржувачи на ОНА кои биле вработени во МВР и во обвинителството. Судењето продолжува со распит на останатите обвинети.

 

Анита Димитријевска