Катастарот воведува 3Д приказ за зградите и парцелите

24.02.2017 12:51

Проектот се финансира со средства од Европската унија и техничка подршка од Холандскиот катастар. Проектирано е да биде изготвен за три години.

Државниот катастар ќе воведува трета димензија во приказ на недвижностите со што ќе се овозможи ефикасно моделирање на зградите, теренот и површината. Проектот се финансира со средства од Европската унија и техничка подршка од Холандскиот катастар. Проектирано е да биде изготвен за три години.

Воведувањето трета димензија во приказот на недвижностите ќе овозможи поедноставно разбирање на границите на правата врз самите недвижности  што ќе создаде поедноставна слика на тоа- кој и што има, на кој начин го употребува и до каде се простираат неговите права врз соодветната недвижност, како во длабочина на земјата така и во висина, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Тој информира дека прв чекор кон 3Д катастарот годинава ќе бидат воведување на висината при премерот на објектите, геореференцирање на етажните скици, како и електронско издавање на податоци за нив.

Според имплементаторот на експертската мисија, Клас ван дер Хок од холандскиот Катастар, Агенцијата за катастар на недвижности е на вистински пат  да воспостави 3Д катастар за три години.

Во однос на 3Д веќе имате многу податоци но само како дводимензионални парцели или како 2Д модел и атрибути. Предизвикот е реалниот свет да се направи видлив и да се визуелизира во системот. Се надевам дека холандскиот Катастар ќе може да ви помогне да го направите вистинскиот чекор, рече Хок.