Квалитетни закони и институции за ефикасна борба против економскиот криминал

27.02.2017 15:15

Почна проектот против економски криминал вреден 1.350.000 евра. Во земјава ќе се спроведува 36 месеци со цел да го подобри спроведувањето на клучните препораки на релевантните ограни за следење и советување на Советот на Европа како групата на држави против корупцијата и комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам.

Потребни се квалитетни закони и институции за ефикасна борба против економскиот криминал, беше посочено на конференцијата која го означи почетокот на спроведувањето на проектот против овој заканувачки феномен. Министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека борбата против организираниот криминал и корупцијата е еден од главните приоритети што Република Македонија го има воспоставено како земја кандидат за членство во ЕУ.

Економскиот криминал претставува еден од најсофистицираните и најдобро организирани криминали на глобално ниво. Меѓународната заедница го препознава не само како закана за финансиските системи, туку и за демократијата, човековите права и за владеењето на правото како основни вредности на современите демократски држави.

В.д. директорката на Управата за финансиско разузнавање, Ангела Атанасова, посочи дека проектот ќе даде голема поддршка за засилување нејзините капацитети.

Предвидено е проектот да се реализира во соработка и со Министерството за правда, судските и обвинителските органи, со агенциите и комисиите вклучени во борбата против корупцијата и економскиот криминал.

 

Фиљана Кока