Од променливото време страдаат хронично болните

27.02.2017 15:20

Температурните разлики предизвикуваат здравствени проблеми. Во Брзата помош најмногу се јавуваат хронично болните. За едно деноноќие се реализирани 120 интервенции. Лекарите советуваат да се зема пропишаната терапија.

Променливото време, ниска утринска, а висока дневна температура се шок за организмот. Најмногу мака им предизвикува на хронично болните. Во брзата помош најмногу се јавуваат граѓани со висок крвен притисок, со ревматски заболувања, но и асматичарите. За едно деноноќие тимовите во брзата помош имале по 120 интервенции.

„Тие температурни разлики влијаат на крвните садови, наутро се стеснети, напладне се прошируваат кога се зголемува температурата и сето тоа прави нарушување на крвниот притисок или во нарушување на ритамот на срцето. Секако дека промената влијае и врз пациентите кои имаат проблеми со респираторниот систем, почесто се јавуваат гушења поради зголемена концентрација на штетни материи кај нив“, изјави д-р Ѓорѓи Карамановски, шеф на смена во Брза помош.

Лекарите ги советуваат граѓаните да бидат претпазливи.. Доколку нагло се покачи температурата може да се очекува зголемен број повици.

„Како не ми влијае, метеопатијата си работи. Зависи каде ќе те фати, некогаш на срце, реума, главоболка, притисок.“

„На некој му пречи, еве мене не ми пречи воопшто.“

„Јас сум со висок крвен притисок, ја осеќам промената на времето.“

„Пијам лекови, насабајле, навечер, на ручек, се ми е програмирано“, велат граѓаните.

Променливото време влијае врз концентрацијата, но и на расположението.

Придржувајте се на пропишаната терапија и доколку почувствувате изнемоштеност побарајте помош, ги советуваат лекарите хронично болните кои што најмногу страдаат од промената на надворешната температура.

 

Андријана Атанасовска