Македонски железници: Продолжува протестот на вработените
Министерот за транспорт и врски ги повика вработените во Македонски железници да се вратат на работа за, како што вели, да има правен основ да се подели плата. Синдикатот ова го смета за уцена. Велат дека не отстапуваат од барањето- прво плата, па враќање на работа.

Продолжува протестот на вработените во Македонски железници. Министерот за транспорт и врски Мисајловски ги повика вработените да се вратат на работа за како што вели да има правен основ за да се подели плата. Има пари во буцетот, за компанијата околку 10 милиони евра се на располагање. Со дополнителен договор од министерството ќе се трансферираат уште 70 милиони денари.
„Ние бараме решение како најбрзо да ги земат сите оние заостанати средства, но потешкотиите во овој момент се бидејќи тие сега не работат и со тоа се руши дел од законот со кој се вели дека Железници мора да имаат минимална работа бидејќи се работи и за меѓународен превоз. Ги повикувам вработените да се јават на своите работни места и да почнат со работа“, вели Мисајловски.
Синдикатот на железницата вели дека нема да трпи никакви уцени. Не отстапуваат од барањата прво плата па да се вратат на работа. Утрово имаа средба со в.д директорот Коруновски кој им ветил дека ќе се сретне со владини претставници за да се најде решение за проблемот. Доколку не ги добијат парите најавуваат радикализација на протестите.
„Нема да трпиме никакви уцени, ние сме на своите работни места, не сме дома. Се додека не ни се исплати јануарската целосна плата, ние ќе протестираме“, вели Ѓоко Илиевски.
Според надлежните МЖ имаат договори за работа со многу компани, кои доколку не бидат исполнети можни се и тужби. Управата за железнички сообраќај е излезена на терен и ги разгледува записниците по што ќе се знае колкава ќе биде штетата од протестот.
Вработените во Железница не се согласија со решението од претходното раководство и побараа исплата според закон до 15 во месецот. Поранешниот директор на МЖ- Транспорт, Костов, поднесе оставка, па Владата викендов назначи в.д. директор.
Дијана Ценевска
