Заев ги предаде потписите, чека мандат

27.02.2017 16:46

Лидерот на СДСМ му ги предаде на претседателот на државата потребните пратенички потписи за формирање на новата Влада. Заев очекува од Иванов да му го врачи мандатот во најкус можен рок. ДУИ ќе ја чека разврската и потоа ќе носи одлука- дали во власта ќе партиципира со луѓе или само со потписи. ВМРО-ДПМНЕ со став дека Социјалдемократите се однесуваат очајнички.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев му ги предаде 67 - те пратенички потписи за формирање влада на претседателот Иванов. Од кабинетот на шефот на државата, велат дека претседателот одлуката за мандатот ќе ја донесе во наредните денови. СДСМ ги доби пратеничките потписи од ДУИ, од движењето Беса и од Алијансата на Албанците. Заев пред средбата со Иванов изјави дека очекува претседателот во најскоро време да му го довери мандатот и да има мирен трансфер на власта.

„Очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање на нова влада на граѓаните на Република Македонија. Истовремено имам прилика до сите граѓани и до институциите во државата да им порачам дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, рече Заев.

По консултациите со лидерите на политичките партии кои освоија мандати во собранието, на 1-ви февруари годинава, македонскиот претседател од оние кои ќе ја составуваат новата влада побара во својата програма да имаат два клучни приоритета-заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на државата.

Се чека и конечната одлука на ДУИ,  дали ќе партиципира во владата или ќе биде опозиција, поддржувајќи малцинска влада. Според информациите, интегративците најверојатно прво ќе ја чекаат одлуката на Иванов за доверување мандат, па потоа да ја соопштат одлуката.

Со соопштение се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. На 11-ти декември победија граѓаните на Република Македонија, победи концептот на унитарна и мултикултурна Македонија. Време е СДСМ да се помири со поразот и да прекине со погубното сценарио за урнисување на државата. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев и СДСМ се подготвени за власт да ја прифатат и да ја реализираат платформата смислена во Тирана. Нека размислат и нека се откажат од антидржавното сценарио, додека не е предоцна, соопштија од партијата. Веднаш ќе ја добијат поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада, но условот за нашата поддршка е да се откажат од редефинирањето на државата, двојазичноста, кантонизацијата и од федерализацијата, како и од бинационалниот концепт на Република Македонија, стои во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Милчо Велески