Обраќање на Трамп во Конгресот: Одобрен планот за унапредување на економијата
60-минутниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот беше прекинуван од аплаузи од присутните конгресмени и сенатори, коишто го одобрија планот за подобра економија, укинување на Обамакеир, справување со илегалната имиграција, поголема безбедност и обновување на партнерствата со пријателските држави.

Засилена економија и безбедност, даночна реформа и намалување на регулативите за бизнис, нови работни места, поддршка на американските компании, воени сили, полициски служби, и подобро образование и здравство, вети американскиот претседател Доналд Трамп во првото обраќање на заедничката сесија на Конгресот и Сенатот.
„Реформи што го зголемуваат изборот и пристапот, ги намалуваат трошоците и истовремено обезбедуваат подобра здравствена заштита. Барањето секој Американец да мора да купи државно здравствено осигурување никогаш не беше добро решение за нашата држава“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп вети поддршка на НАТО и на Израел и на сојузниците коишто се борат за уништување на радикалниот исламски фундаментализам. Тој најави дека Американци нема повеќе да штитат странски граници додека границите дома се отворени, дека нема повеќе да трошат трилиони долари за помош на странски држави додека инфраструктурата во земјата пропаѓа.
„Сите во Конгресот што не веруваат дека треба да ги спроведуваме законите, ќе Ви поставам едно прашање: што ќе му кажете на американското семејство што ги губат работните места, приходот и блиските бидејќи Америка одбива да ги спроведува своите закони и да ги штити своите граници“, нагласи претседателот Трамп.
„Ова е нова ера на Америка, на оптимизам и верба во подобра иднина“, порача американскиот претседател на нацијата. Тој им оддаде почит на загинатите американски војници, вети грижа за ветераните и жртвите на насилство од страна на илегални имигранти. Најави зголемен воен буџет и скратување на непродуктивните буџети како буџетот на УСАИД за 37 проценти.
Воениот буџет предложен од Доналд Трамп оваа година ќе биде зголемен за 54 милијарди долари.
Ирина Гелевска, постојан сописник од Вашингтон за МРТ
