Прво обраќање во Конгресот

Трамп доби аплауз и овации од Демократите

01.03.2017 14:34

Најголемите овации следеа кога му оддаде почест на неодамна загинатиот припадник на единицата за специјални операции „Фоки“, Рајан Овенс кој загина во текот на операцијата врз база на Ал Каеда во Јемен. Британски БИ-БИ-СИ наведува дека тоа бил еден од ретките моменти кога и Демократите и Републиканците му аплаудирале на претседателот.

Американскиот претседател Доналд Трамп го одржа својот прв говор пред членовите на двата дома од американскиот Конгрес, при што најави подобри времиња за граѓаните на САД. Ги осуди неодамнешните злосторства од омраза, наведувајќи дека Америка е обединета во осудата на омразата и злото.

Американскиот претседател застана во одбрана на своите неодамнешни постапки, како што е повлекувањето на САД од Транспацифичкиот трговски договор и налогот за поставување ѕид на границата со Мексико, за што рече дека ќе биде ефикасно оружје против дрогата и криминалот.

Најголемите овации следеа кога му оддаде почест на неодамна загинатиот припадник на единицата за специјални операции „Фоки“, Рајан Овенс кој загина во текот на операцијата врз база на Ал Каеда во Јемен. Британски БИ-БИ-СИ наведува дека тоа бил еден од ретките моменти кога и Демократите и Републиканците му аплаудирале на претседателот. 

„За оние сојузници кои се прашуваат каков пријател ќе биде Америка, нека ги погледнат хероите што ја носат нашата униформа. Нашата надворешна политика се залага за директно и значајно вклучување во светот“, нагласи Трамп.

Трамп најави и нова имиграциска политика истакнувајќи дека вистинска и позитивна реформа е возможна и дека тоа ќе ја направи америка побезбедна.

Рече дека наскоро ќе преземе чекори за да ја обезбеди нацијата и дека неговиот административен тим работи на подобрување на процедурите за процена, за да не им се дозволи влез во земјата на оние кои можат да им наштетат на нејзините граѓани.

Спомена и замена за „Обамакер“ која вклучува медицинско осигурување за оние со постојни здравствени проблеми, олеснување на данокот за средната класа, измени во образовниот систем, платено породилно отсуство и засилено вложување во инфраструктуирата.

„Обврзувајќи го секој Американец да купува здравствено осигурување одобрено од владата не беше вистинското решение за Америка. Начинот да се направи здравственото осигурување достапно за сите е да се намали неговата цена, и тоа е токму она што ќе го направиме“, рече Трамп.

Трамп доби силен аплауз и за ветувањето дека ќе преземе силни мерки за заштита против радикалниот исламски тероризам, дека решително ќе се бори против Исламска држава и дека засекогаш ќе го избрише тој непријател од планетата.

Анкетата спроведена од СИ-ЕН-ЕН по обраќањето покажа дека 57% од Американците во целост се согласуваат со она што го рекол претседателот, додека пак цели 78 насто изјавиле дека говорот на Трамп го зголемил оптимизмот кај народот.

 

Марина Автовска