„Џудишал Воч“ покрена истрага за УСАИД и Американската амбасада во Македонија
Американската правна организација „Џудишал воч“ започна истрага за работењето на Американската амбасада во Македонија врз основа на докази дека биле давани американски долари од буџетот за дестабилизација на Македонија. Седум американски конгресмени за истата работа побараа истрага од генерален инспектор.

Најдобрата американска правна организација „Џудишал воч“ која ја водеше истрагата и за имејловите на Хилари Клинтон започна истрага за работата на американската амбасада во Македонија. На сајтот на оваа влијателна правна организација под наслов „САД давале милиони на групи на Сорос за дестабилизација на македонската конзервативна влада“, се објавува дека милиони долари од американските даночни обврзници тивко се давале за дестабилизација на демократски избраната централно-десничарска влада во Македонија во соработка со Џорџ Сорос.
„Амбасадорот во Македонија назначен од Барак Обама, Џес Бејли работел зад сцените со СОРОС фондацијата Отворено општество испорачувајќи американски долари за целта, вмешање на американскиот амбасадор во внатрешните политички работи кршејќи ја Виенската конвенција за дипломатски односи. УСАИД дал околу 5 милиони на левичарски групи на СОРОС во Македонија од 2012-та, покажуваат документите и најмалку 9,5 милиони се наменети за интервенција во балканската држава во периодот од 2011-2016“- се наведува во наодите на „Џудишал воч“, која соопштува дека било тешко да се дојде до бројките од Стејт Департментот и УСАИД, за што биле поднесен акт за барање на информација и барање до УСАИД.
Прелиминарните бројки се некомплетни, наведуваат од оваа правна организација.
Седум американски конгресмени на 24-ти февруари испратија писмо со барање до Џин Додаро, генерален контролор од Канцеларијата за одговорност на американската влада, да спроведе истрага во Стејт Департментот и Американската агенција за меѓународен развој, откако добиле незадоволителни одговори на првото писмо дали американската амбасада во Македонија давалa пари од УСАИД на СОРОС и неговите блиски партии, медиуми и невладини организации
„За жал, слушнавме кредибилни извештаи дека во последниве две години, американската мисија во Македонија активно се мешала во партиската политика во Македонија, како и при обликувањето на медиумската атмосфера и граѓанското општество, на непристоен пристрасен начин, на кој директно и индиректно се влијаело на исходот од изборите во Македонија. Според извештаите, интервенцијата континуирано поддржувала партии, медуими и невладини групи на левицата и централно-левицата. Слушнавме извештаи дека акциите на американската мисија во Македонија силно поддржуваат вакви партии на предвремените избори, оригинално закажани за 24-ти април, потоа одложени на 5-ти јуни, па конечно одржани на 11-ти декември, и во периодот по изборите во кој македонските партии преговараат за формирање на нова влада“, се наведува во писмото на конгресмените коишто бараат истрага и ревизија на активностите на Американската амбасада во Македонија.
Американските конгресмени бараат од генералниот контролор да спроведе истрага и поднесе извештај во рок од еден месец.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
