35% од второодделенците се со зголемена тежина

06.03.2017 10:17

Брзата храна и намаленото движење, особено кај младите, предизвикува несакани ефекти на дебелеење. Чипсови и чоколади, наместо зеленчук и овошје, стануваат комодитет на најмладите, со што се намалува нивната физичка активност. Дури 35 насто од младите се со зголемена телесна тежина, тврдат здравствените стручњаци.

Хамбургер или тост- омилена храна меѓу учениците. Овошјето и зеленчукот ги заменуваат со чипсови и чоколади. Дури 35 проценти од второодделенците во земјава имаат прекумерна телесна тежина, а 17 проценти се дебели- покажуваат најновите истражувања на Институтот за јавно здравје. Докторите велат- продавниците за брза храна треба да бидат подалеку од училиштата, а децата да си носат ужина од дома.

„Тие продавници не смеат да постојат, особено што сега ги имаме во рамките на училиштата, тоа е против сите стандарди на здраво живеење. Но, во секој сличај, и политиките на државата треба да играат посилна улога и треба да се наметнеме како држава во решавањето на тие проблеми. Многу е важно и на каков маркетинг се изложени децата. Тие се сериозно притиснати од сите страни на маркетинг на нездрава храна, особено на нездрави пијалaци со шеќери“, изјави д-р Игор Спироски- Институт за јавно здравје.

Изворот на прекумерната телесна тежина кај децата може да се бара и во семејството- вели доктор Спироски. Родителите се тие кои треба да ги наметнат здравите навики, да ги навикнуваат децата на физичка активност, најмалку еден час во денот.

„Сите јадат брза храна, ретко некој јаде здрава храна. Сите се обидуваме да внимаваме, но на крај пак, се враќаме на брзата храна.“

„Често јадам брза храна.“

„Не ми одзема многу време, затоа ја јадам.“

„Ништо не јадам од брза храна, младите, тинејџерите, тие јадат брза храна“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Дебелината станува глобален проблем, а со неа се поврзани и низа сериозни заболувања.

Велат модерниот и брз начин на живот наметнува и брза исхрана- сѐ помалку семејства приготвуваат оброци дома, а тоа се одразува и врз децата. Појавата на алергии, дијабетес, срцеви заболувања- во голем број случаи се последица токму од лошата исхрана.

 

Андријана Атанасовска