Нови 90 професионални војници во АРМ
Вие се избрани како најдобри што ги поминаа психофизичките тестови и обуката, рече министерот за одбрана Јолевски.

90 нови професионални војници веќе еден ипол месец се во служба во Армијата. Распоредени се речиси во сите единици. Меѓу нив има и припаднички на понежниот пол. Девет армиски професионалци се ангажирани и во Полкот за специјални операции.
Вие се избрани како најдобри што ги поминаа психофизичките тестови и обуката, рече министерот за одбрана Јолевски.
Во изминатиот период вие поминавте низ ригорозен процес на селекција и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Вие имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија, рече Јолевски и нагласи дека треба да работат посветено, чесно и хумано.
Главниот наредник Миле Донев истакна дека новите професионални војници поминале месец и половина во Армијата, обука во нивните матични единици.
Патот до висококвалитет борец и припадник на АРМ е долг и макотрпен, полн со бројни предизвици и само добро обучен и храбар војник може да се справи со денешните многубројни закани по одбраната и безбедноста на Република Македонија, рече Донев.
