Психолошката поддршка важна за болните од канцер
Шок, страв, неинформираност, предрасуди- низ вистинска животна драма минуваат болните од рак. Психолошката бариера дополнително ја влошува нивната здравствена состојба. Пропуштаат значајни можности за лекување. Добиваат ли пациентите соодветна психолошка помош во здравствените установи?

Разочарани и депресивни- на многумина вака им почнува борбата со ракот. Соочувањето со дијгнозата е најтешкиот момент, во прашање е нивната животна судбина, а борбата е неизвесна- вели психологот Давчевска. Таа е единственото стручно лице кое на болните им дава психолошка поддршка. На Клиниката за онкологија ги посетува по неколку пати во неделата, а пациентите можат да разговараат со неа и преку СОС линијата на здружението„Борка“, којашто е 24- часовно отворена.
„Меѓу првата и втората хемотерапија кога ќе им падне косата се чувствуваат нецелосни. Тогаш тие почнуваат да бараат и психолошка помош, ги искажуваат своите чувства, бараат совет како да постапат со своите деца, како да им кажат зошто се без коса, зошто носат перики. Како да се појават пред нив“, вели Афродита Давчевска, психолог во здружението „Борка“.
Ниту на клиниките каде што лекарите ги оперираат болните од канцер, ниту на Клиниката за онкологија каде што ја примаат терапијата и се соочуваат со болеста, нема психолог. Пациентите немаат со кого да ги споделат своите стравови од можниот неуспех во нивната најважна животна битка. Од Клиниката велат дека освен психолози, недостига и друг персонал. Здружението за борба против рак „Борка“ предложило на Клиниката за онкологија да биде сместен нивниот психолог.
„Ние сме подготвени како здружение, со нашиот психолог, со нашите волонтери, со нашите социјални работници и докторите кои што работат тука во нашата канцеларија со пациентите, да бидат таму меѓу пациентите, бидејќи таму е најнеопходна таа помош и поддршка како на пациентите, така и на семејството, која што заеднички се бори против оваа болест“, вели Биба Додевска, претседател на Здружението „Борка“.
Се проценува дека од седум до осум илјади граѓани годишно во земјава заболуваат од рак. Според Светската здравствена организација, Македонија е на третото место во Европа по смртност од малигни заболувања.
Андријана Атанасовска
