Европа го заострува тонот кон Турција

13.03.2017 12:37

Не престануваат вербалните препукувања на релација Анкара - Хаг. Неколкумина европски лидери ја критикуваа Турција за растечкиот јаз со Холандија. Претседателот Ердоган ја обвини Германија и Холандија за нацизам, поради забраната на одржување собири на турските доселеници. Холандскиот премиер Руте ги нарече коментарите неприфатливи, додека германскиот министер за надворешни Габриел се надева дека Турција ќе има разбирање за состојбата. Данскиот премиер ја одложи средбата со турскиот колега.

Германија и Холандија ја заоструваат реториката кон Турција поради обвинувањата и споредбите со фашистите. Откако им забранија настап на министрите кои агитираат во дијаспората за поддршка на референдумот за уставни реформи во Турција, властите во Анкара се заканија со санкции за Западот кој, според нив, шири исламофобија.

„Последните случувања го покажаа вистинското лице на Западот. Мислев дека заврши нацизмот. Но Европа повторно спроведува расизам. А ако ја жртвувате Турција поради изборите во среда, ќе платите за тоа. Каде е ЕУ? Кога ги критикувам, не им е пријатно“, изјави претседателот Ердоган.

За Холандија и Германија, обвинувањата од Турција се неприфатливи и неаргументирани.

„Холандија беше бомбардирана во Втората светска војна од нацистите. Неприфатилива е оваа реторика. Нема никакви оправдувања“, вели премиерот на Холандија, Марк Руте.

„Во кривичниот закон стои дека доколку некој ги навредува и злонамерно ги осудува Германија и нејзиниот Устав, врши криминално дело. Тоа треба да е границата“, изјави Томас Де Мезиер, министер за внатрешни работи на Германија.

И Австрија и Швајцарија забранија пропаганда за референдумот за промени на политичкиот систем на Турција во претседателски, со што Ердоган би добил неограничена моќ.

Официјална Анкара спроведува кампања во европските земји каде што живеат лица со турско потекло. 5,5 милиони Турци живеат надвор од татковината, од кои 1, 4 милиони се во Германија.

Маја Филдишев