Ердоган: Германија и Холандија се бандитски држави кои и наштетуваат на ЕУ
Според него, одбивањето на Германија и Холандија да им дозволат на турските министри да присуствуваат на политички собири во овие земји го намалува значењето на ЕУ, како симбол на владеењето на правото, човековите права и слободи.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Анкара порача дека позитивниот одговор на граѓаните на референдумот, кој ќе се одржи следниот месец во земјата за проширување на претседателските овластувања, ќе биде „најдобар одговор за непријателите на Турција“, а Германија и Холандија ги нарече „бандитски држави“ кои и штетат на ЕУ.
Според него, одбивањето на Германија и Холандија да им дозволат на турските министри да присуствуваат на политички собири во овие земји го намалува значењето на ЕУ, како симбол на владеењето на правото, човековите права и слободи.
Европа е премногу важен континент за да биде препуштена на милост и немилост на бандитски држави, истакна Ердоган.
Тој нагласи дека Турција ќе побара помош од Организацијата за исламска соработка и други организации, со цел да ја интензивира борбата против „омразата кон странците, расизмот и антиисламските тенденции“.
Шефот на турската држава предупреди дека Турција ќе разгледа и други санкции против Холандија, но не прецизираше за какви мерки станува збор.
