Попоски учествуваше на самитот против ИДИЛ во Вашингтон
Победата над терористите од Исламска држава е блиску, потоа следи стабилизација на регионот и враќање на бегалците. Земјите членки на Глобалната коалиција за борба против ИДИЛ на конференција во Вашингтон договорија следни чекори за интензивирање на борбата против пропагандата и регрутирањето на странски борци преку интернет.

Ќе се интензивираат воените операции за конечен пораз на терористите од Исламската држава. Потоа следи следна фаза за стабилизација на Ирак и на Сирија и враќање на бегалците. Ова е договорено на конференцијата во Вашингтон на земјите членки на глобалната коалиција за борба против ИДИЛ.
„Прво да продолжиме со контратерористичките и полициските операции. Сите ние имаме мрежи на ИДИЛ во нашите држави и ќе биде потребна голема полициска акција да се запре нејзиниот раст. ИДИЛ е поврзан на секој континент и мораме да ги уништиме сите алки во нејзиниот синџир. Интерпол е најновиот член на нашата коалиција и ќе биде критичен за затворање на сите закани за патување и по безбедноста на нашите земји. Второ, потребна ни е поголема размена на разузнавачки информации внатре помеѓу агенциите во државите и помеѓу земји членки на коалицијата“, изјави американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.
САД и сојузниците од глобалната коалиција ќе работат агресивно на спречување на финансирањето, пропагандата и регрутирањето на странски борци преку интернет.
„На оваа конференција се заклучува дека воениот дел е пред своја завршница во Сирија и Ирак против Исламска држава, но сите веруваат дека тоа е најлесниот дел од задачата. Најтешкиот следува понатаму за враќање во нормала на животот, што е нешто што ќе одземе долг временски период. Но глвниот предизвик и за нас како Македонија, земјите од регионот и сите земји членки на оваа коалиција е процесот на дерадикализација што треба да се одвива во следниот период, борба против онаа појава на странски борци, граѓани од нашите држави коишто ги имаат облечено униформите на Исламската држава и војуваат или мобилизираат други луѓе да војуваат таму на начин како што се случуваше во изминатите години. Ова е долгорочниот предизвик и од ова ќе зависи најмногу успехот и на американската интервенција и на целата коалиција мобилизирана против оваа закана за нашата цивилизација“, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.
Земјите членки на коалицијата заклучија дека е постигнат прогрес во воените операции против ИДИЛ и дека за 90 проценти е намалено регрутирањето на странските борци.
Глобалната коалиција за борба против Исламската држава е формирана во 2014-та година и брои 68 земји членки.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
