ДДВ за физички лица- за и против
Симнувањето на прагот за регистрација на ДДВ обврзници од 2 на 1 милион денари за лица кои извршуваат стопанска дејност ќе предизвика дополнителни трошоци и оптоварување за обврзниците, велат даночните експерти. Според нив трошокот на обврзниците ќе биде поголем во однос на приходот на државата. Очекуваат закуподавачите, кои први ќе бидат на удар, да се обидат да ги пренасочат приходите на различни сметки и на други лица за да ги одбегнат даночните обврски и да не го минат прагот за ДДВ.

Намалувањето на прагот за ДДВ од 1,3 на 1 милион денари може да предизвика повеќе трошоци за граѓаните одколку приходи за УЈП, е првичниот коментар на даночните експерти. Ќе биде потребно обработување на податоците, ќе треба да се пополнуваат пријави, да се плаќаат даночни советници. Ќе се генерираат скромни даночни приходи, а постои можноста за доброволно пријавување за ДДВ обврзници. Повратот на ДДВе привилегија и мотивација за оние даночни обврзници кои купиле поголемо основно средсртво и на овој начин сакаат да повратат дел од вложените пари и тие најчесто доброволно се пријавуваат за ДДВ.
„Во услови кога се сака да се создаде поголем даночен приход од еден вид данок обично се намалува прагот, но мора да се води сметка тоа да биде умерено, да бидат опфатени оние кои фактички придонесуваат со даночни приходи, а не оние кои ги оптоваруваат даночните обврзници со адимистративни обврски, а од друга страна создаваат мали даночни приходи“, изјави Трајан Николовски- даночен експерт.
Законот за ДДВ е еден од најдобро креираните во Европа, вели Николовски и тој добро функционира и покрај малите отстапувања кои се резултат на направените промени во регулативата. Се препорачува да се направи анализа за потребните трошоци и ефектите од симнувањето на прагот за ДДВ.
„Тоа е еден од најниските прагови што го обезбедува ДДВ во регионот. Може да се компарираме со Србија, Црна Гора, Хрватска и се работи всушност, колку понизок е прагот толку повеќе имате можност да опфатите поголем број на даночни обврзници. Секако дека интенцијата е повисоки фискални приходи во УЈП“, вели проф. д-р Александра Максимовска, Правен факултет- Скопје.
Се мешаат категориите приход и промет, вели професорката Максимовска. Граѓаните кои порано не биле ДДВ обврзници сега ќе се најдат во деликатна состојба, особено оние што не биле регистрирани за ДДВ, а издаваат станови или деловен простор под закуп или работат со договор за дело. Сега ќе им биде потребен мини сметководствен програм за да видат дали и кога ќе го достигнат прагот и што да прават. Максимовска очекува да се појават злоупотреби, односно ќе се бараат начини да се избегнат даночните обврски со пренесување на имотот: ќе склучуваат различни договори што ќе овозможат приливите од закупнините да одат кај повеќе лица и на различни сметки, со што нема да биде исполнет прагот за ДДВ од милион денари.
Свето Николовски