Белгија: Спречен терористички напад во Антверпен

23.03.2017 16:34

Во последен момент спречен терористички напад во Белгија. Човек се обидел со автомобил да влета во пешачка зона во Антверпен. Во возилото имало и оружје...

Во белгискиот град Антверпен е спречен напад со возило во преполна улица. Полицијата го уапси лицето кое што имало намера да се забие меѓу луѓето. Портпаролот на белгиската полиција потврди дека автомобилот бил со француски регистарски таблички.

„Инцидентот се случи околу 11 часот. Лицето со голема брзина влегло во пешачката зона на Меир која е најфреквентна во текот на денот, бидејќи се сместени многу шопинг центри. Луѓето пред него бегале, и според информацијата нема жртви. Спроведуваме истрага за овој инцидент. Во автомобилот се пронајдени ножеви и друго оружје. Побарана е поддршка и од војската и се зголемени мерките за безбедност“, изјави Серж Мојтерс, портпарол на полицијата на Антверпен.

И сојузниот обвинител потврди дека во автомобилот биле пронајдени ножеви и оружје.

„Лицето кое се обиде да направи лоши работи е познато на полицијата поради казнени дела коишто се поврзани со оружје“, соопшти Барт Де Вевер, градоначалник на Антверпен.

Имено, упасениот маж бил со потекло од Северна Африка, а локалните медиуми информираат дека се работи за радикализиран муслиман.

 

Мирјана Василева