Вангеловски: Ќе има зголемување на надоместоците на плата за судиите и администрацијата
Ќе има зголемување на надоместоците на платите и на судиите и на администрацијата, потврди претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски на брифинг со новинарите. Според првиот човек на Врховен, потребни се измени на неколку закони и укиниување на Советот за утврдувањ факти и одговорноста на судиите. Тој смета дека Специјален суд е технички неизводлив, а недостига и судски кадар. Средбата со Специјалната обвинителка јанева му е потребна, како што рече, заради предметот „Монструм“.

Првиот човек на Врховен суд, Јово Вангеловски, тврди- ќе има зголемување за пет проценти на надоместоците на платите на судиите и на судската администрација. На брифингот со новинарите, Вангеловски посочи дека ќе се сретне со претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.
В понеделник ќе има средба и со првиот синдикалец на УПОЗ, Грујовски, на чии барања им се придружи и Здружението на судската админситрација. Претседателот на здружението Мирчевски изјави дека бараат законски измени и изедначување на правата на вработените во адмистрацијата со судиите и обвинителите. Доколку не дојде до тоа, рече Мирчевски подготвени се за штрајк.
Вангеловски најави дека ќе побара измени во законите за парнична постапка, за судовите, за судскиот совет, за одмерување на казните, како и укинување Советот за утврдување на факти и утврдување одговорност на судиите. Според него, забелешките на Прибе се однесуваат само на дел од законската ревизија што треба да се направи.
Во однос на формирањето на специјално судско одделение, Вангеловски смета дека тоа е можно и со постојните закони, но дека е технички неизводливо и дека има недостиг на судии. Би се појавил и проблем во повисоките судови, бидејќи како што рече, само пет судии во Врховен се за такви предмети.
Претседателот на Врховен тврди дека има нов годишен распоред на судии во Кривичниот суд и дека секој судија го добил местото според изразената волјa. Неговите предмети, пак, ги презела претходничката Лидија Неделкова.
Вангеловски сè уште не договорил средба со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а инсистирал на средба поради предметот „Монструм“, што Врховен суд го комплетирал и се очекува закажување на јавна седница за разгледување на жалбите.
Фиљана Кока
