„Деби“ беснее на североистокот на Австралија

28.03.2017 12:27

Циклонот „Деби“ беснее на североистокот на Австралија. Бурата со моќ категоризирана во четвртата категорија веќе зеде жртва, а повредено е и едно лице. Покрај човечките загуби, предизвикана е и голема материјална штета.

Едно лице заврши со сериозни повреди откако врз него се урна ѕид поради циклонот „Деби“ кој го зафати североистокот на Австралија. Во сообраќајна несреќа предизвикана од невремето загина жена. Бурата од четврта категорија проследена со ветер од 263 км/ч предизвика лизгање на земјиштето во Квинсленд, уништи покриви на многу згради   и ја прекина електричната енергија во 45.000 домаќинства. Над 30.000 луѓе беа евакуирани. Силата на „Деби“ стивна до трета категорија, но се уште е опасна и за луѓето и за околината. Властите го активираа планот за одговор при катастрофа.

„И натаму ќе добиваме пријави за штета. За жал, очекуваме да има и повредени и мртви“, вели Ијан Стјуарт, полициски комесар во Квинсленд.

„Најлошото доаѓа. Се движи кон нас и ќе биде полошо.“

„Ние сме на рамен терен, ни рекоа да бегаме погоре.“

„Многу сум нервозна и исплашена зашто циклонот е силен. Уништена е куќата на мојот вујко“, велат жителите.

Поради поројните дождови, издадено е и предупредување за поплави во пониските подрачја. Наставата е откажана во стотици училишта и градинки, а откажани се и сите летовите во регионот. Војската и спасувачките тимови се во состојба на готовност и ќе оперираат само кога ќе биде безбеден теренот.

Последниот разорувачки циклон во Квинсленд се случи во 2011-та година.

 

Маја Филдишев