Стартува проектот „Претприемничко учење за млади“

28.03.2017 15:50

Преку проект поддржан од Еразмус плус програмата на ЕУ се поддржува претприемачкото знаење на млади од три земји на возраст од 19 до 30 години. Нивните бизнис идеи ќе бидат помогнати од тим на експерти, бизнис советници, адвокати, сметководители и финансиски институции за да ги поминат полесно почетните години во претприемништвото.

60 млади од Македонија, Романија и Грција заеднички ќе ги развиваат претприемачките вештини и знаења. Во период од две години со поддршка на Еразмус плус програмата на 9 работилници ќе ги развиваат сопствените бизнис планови со помош на тим од експерти и две финансиски институции.

„Направивме еден проект каде на млади луѓе од 19 до 30 години ќе им понудиме пакет на алатки и пакет на обуки, кои што ќе им овозможат да ја развиваат сопствената идеа во бизнис план и понатаму во одржлив бизнис“, изјави Јован Сталевски, претседател на „ЦЕФЕ Македонија“.

Младите претприемачи ќе развиваат бизнис планови потпомогнати од експерти од различни области консултанти, бизнис советници, адвокати, сметководители, успешни претприемачи, за да се стекнат со вештини и да ги надминат најкритичните први две години во бизнисот.

„Од клучно значење се институционалните поддршки за бизнисот бидејќи за еден бизнис да се развива треба контиунирано да се учи. Времињата се менуваат, константно се потребни нови знаења, нови вештини. И некои подолготрајни бизниси треба да дојдат и да се едуцираат. Сметам дека треба да се инвестира точно во развивањето на вештините, кои понатаму би довеле до успешни бизниси“, вели Јулијана Ристова- Сарделис, претприемач.

Се разгледувааат конкретни бизнис проблеми, се креираат маркетинг техники, се развива личноста, вмрежувањето со други бизниси и претприемачи од други земји, размена на он лајн креирани алатки од партнерските земји, кои според Ристова- Сарделис се нужни за успешно водење на бизнисот. Едногодишната „Претпримачка академија“ почнува во јули годинава и младите претприемачи ќе добијат комплетна менторска поддршка за развој на нивниот бизнис план.

 

Свето Николовски