Трет ден дебата во Собранието
Во Собранието, трет ден дебата за избор на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања. СДСМ реагира дека ВМРО-ДПМНЕ не го почитува деловникот и ја злоупотребува можноста за реплики. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, побараа СДСМ да го претстави договореното од Тиранската платформа со албанските партии.

За да се одстранат дилемите на третиот ден од расправата во Собранието, пратеник на ДУИ во целост ја прочита платформата потпишана од албанските партии.
„Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”. Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“, изјави пратеникот Ејуп Алими од ДУИ.
„Реалноста во Македонија е следна- над половината од населението, можеби и повеќе се експлоатира. Вистината е дека вие се уште имате геноцидни тенденции кон еден цел народ“, изјави Зијадин Села, Алијанса на албанците.
Распишување на нови парламентарни избори заедно со локалните е барањето на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ во кампања да ја промовирале платформата, а не пост- изборно да прифаќаат документ за кој граѓаните не гласале.
„Немаме против никој да има своја платформа, но имаме против тоа некој кукавички да ја подметнува после избори“, нагласи Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.
„Ајде да најдеме гаранција денеска. Денеска ако најдеме гаранција да го распуштиме Собранието на Република Македонија уште денес ќе биде избран претседател на Собранието што ќе има единствена улога да распише брзи локални избори и да распише брзи предвремени парламентрани избори“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Социјал- демократите со забелешки на водењето на седницата и за кршење на деловникот. Сметаат дека дискусијата во Собранието треба да прекине и да се избере првиот парламентарец.
„Нема никаква платформа, значи има програма на новата реформска влада“, рече Томислав Тунтев, СДСМ.
„Брањето на принципот победник со победник е барање за бинационална држава. Победникот кај македонците да коалицира со победникот кај албанците. Се поставува прашањето зошто имаме заеднички избори. Следно можеби ќе побарате посебно да гласаме“, изјави Дамјан Манчевски, СДСМ.
Собраниската расправа за формирање на Комисијата за избори и именување и подоцна за избор на собраниски спикер продолжува.
Миле Ристески
