Продолжи конститутивната собраниска седница

30.03.2017 14:37

Нема поместување во Собранието, партиите остануваат во своите ровови. На четвртиот ден од продолжението на конститутивната седница- паузи, реплики и контрареплики, меѓусебни обвинувања, кој го кочи процесот за избор на претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ нема против да се избере спикер, но условот е веднаш да се распишат избори. СДСМ бара да се формира новата влада. Се отворија и други теми.

Процедуралните забелешки искористени за реплики за да се доискажат пратениците на почетокот од седницата од пратениците беше побарано да се почитуваат и да нема меѓусебни дисквалификации.

„Ни стана некако мода, особено вчера, да дискутираме на еден начин кој е непримерен. Тоа се пренесува врз граѓаните, постои еден трансфер на таа негативна емотивна енергија“, изјави Ферид Мухиќ, СДСМ.

„Се согласувам со апелот дека треба да се обидеме личните навреди, личните дисквалификации, било да се по основ на работите кои вие ги тврдите. Но, исто така ние два три дена имаме и вмешување во дискусијата и на членови на семејства, деца на пратеници, членови на фамилии, во обидите за дисквалификација“, рече Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

На дебатата за избор на членови и претседател на комисијата за избори и именувања се опфаќаа и теми за образованието, земјоделците, студентите.

„Вие како пратеници од ДПМНЕ спречувате студентитеда добијат стипендии оваа година, спречувате студентите да добијат нови студентски домови кои вие не ги изградивте за десет години“, рече Стефан Богоев од СДСМ.

„Стефан, немаше ниту еден проект во образованието, немаше спортска сала, твоите студенти кош немаа видено. Мислеа дека со ракометарска топка се игра кошарка, Стефан. Денес имаме 125 нови сали“, му одговори пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не довикувајте од место г-не Заев, не ви доликува, лидер сте на политичка партија... не ви доликува“, го предушреди на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претседавачот со седницата Трајко Вељаноски.

Партиите остануваат на своите ставови. Јавно повикување да се отфрли платформата од Тирана, да се оди на нови избори заедно со локалните, и барања веднаш да се избере претседател на Собранието.

„Граѓаните на Македонија од албанска етничка припадност за ниту една цена, и за ништо нема да станат парнтери во садење на омраза на адреса на Албанците. Ве молам да бидете внимателни за тоа каде ја водите дебатата“, изјави пратеникот Џевад Адеми од ДУИ.

Над педесет пратеници треба да дебатираат за третата точка од дневниот ред која се однесува на формирање на Комисијата за избори и именувања.

Миле Ристески