Србија: На полноќ почнува предизборниот молк во пресрет на претседателските избори

30.03.2017 15:09

На полноќ во Србија почнува предизборниот молк во пресрет на претседателските избори в недела на 2-ри април. Во кампањата се користи и состојбата во Македонија. Александар Вучиќ повикува во свој спот дека нема да дозволи македонско сценарио.

6.724.000 запишани граѓани на 8.253 бирачки места од кои 90 на Косово-во недела ќе го бираат новиот српски претседател. Александар Вучиќ од коалицијата околу СНС, Саша Јанковиќ- подршан од ДС и граѓанската опозиција, Вук Јеремиќ подржан од партијата на Тадиќ, Чанак, опозиционерот Саша Радуловиќ, од десницата Шешељ и Обрадовиќ или вкупно 11 кандидати се претеденти за новиот претседател. Меѓу нив е и најнеобичниот кандидат- Љубиша Прелетачевиќ Бели кој преку шега на интернет ја освојува помлада генерација, желна за нови лица и промени.

Според анкетите, Вучиќ победува уште во првиот круг со освоени над 50% од гласовите. Според нив спорно е кој е втор по популарност. На тоа место се менуваат Саша Јанковиќ, Вук Јеремиќ и Љубиша Прелетачевиќ- Бели. Опозицијата не ги признава анкетите и се бори за втор круг со заеднички кандитат.

Самата кампања е карактеризирана како валкана, опозицијата обвинува за медиумска блокада, а најголема карактеристика се дискусиите околу орентацијата на Србија кон истокот или западот. За евроинтеграциите се залагаат Јанковиќ, Јеремиќ, Радуловиќ, додека за близок сојуз со Русија- Шешељ, Обрадовиќ и Поповиќ. Единствено Чанак е за членството во НАТО и признавањето на Косово. Вучиќ е за влез во ЕУ, но и за пријателски односи со Русија и со Кина.

Една од карактеристикте на кампањата е и користење на состојбата во Македонија, каде Александара Вучиќ на митинзите и на спотовите порачува дека во Србија нема да дозволи „македонско сценарио“. Опозицијата остро ја осуди ваквата кампања со став дека со неа се врши заплашување и подгревање на потенцијална нестабилност пред и по изборите.

Со популарноста на Вуќиќ и неодамнешната индиректната подршка на Путин, главна борба на изборите е со излезеност да се одржи втор круг на гласање, каде според аналитичарите- сѐ е можно?

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ