Колку пратениците ги користат социјалните медиуми?

30.03.2017 16:02

110 од вкупно 120 пратеници во македонското Собрание користат Фејсбук. Половината речиси секојдневно објавуваат нови содржини. Експертите по нови медиуми препорачуваат законодавниот дом на својата веб- страница да ги додаде контактите на пратениците за нивна поголема достапност за граѓаните. Совет до народните избраници- да бидат активни и на другите социјални медиуми.

Десет од 120 пратеници во собранието не користат Фејсбук. За разлика од 2009-та, кога првпат е направено истражувањето и кога само 35 народни избраници имале профил на оваа социјална мрежа, сега процентот е зголемен за 29 насто. Повеќе од 60 пратеници активно објавуваат содржини на својот Фејсбук профил, останатите тоа го прават повремено. Потребата е препознаена, но важно е да се фокусираат правилно да ги користат социјалните медиуми, вели Бојан Кордалов, авторот на истражувањето.

„Апелираме, како препорака од истражувањето, секој пратеник да има тим за социјални медиуми, бидејќи само на тој начин ќе може да се фокусира на редовно ажурирање, ќе може да се фокусира на одговарање во брзо време на прашања и коментари, но и прифаќање на сугестии, да речеме одредени предлог- амандмани, предлози на закони и измени, иницијативи, пофалби или критики за одреден став и говор“, изјави Бојан Кордалов, автор на истражувањето.

Најактивни на Фејсбук се политичарите од врвот или носителите на јавни функции. Тие имаат и постови со најмногу допаѓања. Кордалов апелира социјалните медиуми да не се користат само за испраќање политички пораки. Треба да бидат и мегдан за соочување со граѓаните.

„На Балканот генерално има една мачо политика, да е срамно политичарот да ги консултира гаѓаните. Не, не е срамно, потребно е понекогаш да го побарате мислењето и да се консултирате, не за да покажете дека вие сте несигурни и не знаете што правите, туку пред се за да добиете потврда и за да добиете многу предлози и идеи кои ќе ви помогнат за конкретниот закон, или за некои наредни предлози и иницијативи“, објаснува Кордалов.

Мал е процентот на политичарите кои користат Твитер, Инстаграм, Јутјуб. Се препорачува на веб страницата на македонското Собрание да се додадат контактите од сите социјални медиуми кои пратениците ги користат. Целта е гласачите полесно да стапат во директен контакт со нив.

 

Сунчица Николоска